Електронскиот магазин plagij.at (http://www.plagij.at) продолжува со промоцијата на музички состави од т.н. indie сцена. По новосаѓаните Till овојпат во организација на plagij.at на 27 декември во клубот Кастро ќе гостуваат еден од најдобрите балкански бендови на денешницата - Pips, Chips & Videoclips!
Pips, Chips & Videoclips претставува уникатна појава на балканската музичка сцена. Стилски разнолични, тематски провокативни и визуелно атрактивни - вистински пример на модерен поп состав. Тие на сцената опстојуваат повеќе од 15 години, период во кој имаат снимено 6 албуми - Shimpoo Pimpoo [1993], Dernjava [1995], Fred Astaire [1997], Bog [1999], Drveće i rijeke [2003] и unplugged албумот Dokument [2005]. Повеќекратни добитници се на најзначајните хрватски награди Порин, како и на новинарските рок награди Црни Мачак и тоа во категориите - група на годината, албум на годината, песна на годината, спот на годината.. Концертот кој ќе се одржи во клубот Кастро ќе се надоврзе на огромниот број на концертни настапи на Pips, Chips & Videoclips во Хрватска и во регионот. Биле дел од сите позначајни балкански фестивали, а во листата на концерти се запишани и настапите во повеќе европски градови како Heidelberg, Frankfurt, Berlin, Dublin, London. На својот последен студиски албум - Drveće i rijeke, Pips, Chips & Videoclips ја забележуваат веројатно својата најзначајна соработка во кариерата. Албумот се продуцира во Tarbox Road Studios под палката на светски признатиот продуцент Dave Fridmann. Веројатно е доволно да се спомене дека тој е главниот “виновник” за генијалните албуми на The Flaming Lips, Mercury Rev, Sleater-Kinney, Mogwai, Sigur Ros, Arab Strap и многу други. Drveće i rijeke мина одлично кај хрватските музички критичари и публиката, но беше одлично оценет и во рецензиите во светски реномираните музички магазини како Mojo, Q, The Face и Magnet. Квалитетот на ова музичка група го покажува и фактот дека соработката со Fridmann ќе продолжи и по концертот во Скопје. Pips, Chips & Videoclips повторно заминуваат во Америка каде што ќе го финализираат и својот најнов албум. Овие факти се доволни за да биде јасно колкава е големината на овој бенд.
За оваа незаборавна вечер избравме соодветен opening act. Човекот кој ја крена целата публика на нозе со својот акустичен настап на фестивалот Плагиј.ат turns 1 на Школка, Ристо Гушиќ. Овој пат, ексклузивно во мошне електрифицирана варијанта придружуван од неговиот трочлен бенд Ристо Гушиќ – Рила ќе го претстави материјалот кој ќе се најде на неговиот нов студиски албум, кој моментално е во фаза на снимање.